
Регионалниот пат кој ги поврзува Виница и Делчево е во лоша состојба, реагираат жители на околните села. Патот е во служба на жителите од селата Јакимово, Црн камен, Кршла, Калиманци и уште неколку, но според нив е многу небезбеден. Бараат расчистување на патот со цел поголема безбедност на оние кои минуваат. Велат, асфалтиран е неодамна, ама оттогаш не се одржува.
„Патот се асфалтираше пред неколку години долу, а пред две-три години втората делница од три-четири километри, ама иста е состојбата и таму. Македонија пат банкините не ги направи, тоа сами го гледате. Не доаѓа никој“, велат жителите
Жителите велат дека веќе неколкупати реагирале кај неколку градоначалници на Виница. Тие им ветувале дека ќе разговараат со ЈП „Македонија пат“, бидејќи станува збор за регионален пат, но од тоа сѐ уште нема ништо, велат жителите. Претходно тука имало човек кој го одржувал патот.
„Имаме градоначалници во Виница, само нѐ лажат, ќе разговарале со „Македонија пат“, ама ништо од нивните ветувања“, додава жител.
М-Нет Телевизија побара став од надлежните институции. Градоначалникот, Миле Петков, до затворањето на овој прилог нема одговорено на нашите прашања.
Ребека Спасова М-Нет