
Штипјани сè уште се надеваат дека во септември ќе може да се возат со јавен градски превоз. На Општината ѝ пропаднаа двата обида да го воведе преку локални компании за транспорт, па одлучи сама да го спроведува преку Јавното претпријатие. Граѓаните ова како барање го посочуваа уште одамна, па иако најавите беа дека со градски превоз ќе се возат минатиот септември, тоа не се случи, ама тие стојат на ставот дека истото е повеќе од потребно.
На прашањето „Дали Штип ќе добие јавен градски превоз во септември?“, градоначалникот, Иван Јорданов, е дециден дека ќе има. Тој посочува дека постапката е во завршна фаза и дека нивна тенденција е јавниот градски превоз да го воведат со почетокот на следната учебна година.
„Веќе сме во фаза или постапка на тендерирање за набавка на овие автобуси, нормално, претходно се направи анализа, студија на бројот на превозници, на линии коишто треба да се воспостават и сето тоа бараше од нас една сеопфатна анализа која што ќе ја даде оправданоста на средствата коишто ќе се потрошат за јавниот градски превоз. Ние влеговме свесно во овој проект и покрај тоа што знаеме дека ќе бидат потребни големи финансиски издатоци, од Буџетот на Општина Штип, затоа што јавниот градски превоз сам по себе не може да биде ликвиден оти картите се со симболичен износ. Направивме една анализа – колку потребни средства ќе бидат“, истакна Јорданов.
Општина Штип донесе Правилник, па вршеше и измени на Правилникот со цел да ги привлече локалните компании кои не се пријавија на ниту една од распишаните јавни набавки. Затоа на ЈП „Стипион“ му се додаде дејност за сами да набават автобуси и да го спроведуваат јавниот градски превоз.
Ребека Спасова М-Нет