Штипјанецот Дамјан Давков со злато од Светската математичка олимпијада – Македонија блесна во Шангај

Македонските средношколци постигнаа извонреден успех на 67. Интернационална математичка олимпијада (ИМО), која се одржува од 10 до 21 јули во Шангај, Кина, а меѓу најзаслужните за историскиот резултат е и штипскиот ученик Дамјан Давков, кој освои златен медал.
Со својот врвен настап, Давков уште еднаш потврди дека е меѓу најталентираните млади математичари не само во Македонија, туку и во светски рамки, носејќи ѝ огромна чест на својата држава и на Штип.
Покрај златниот медал на Давков, македонскиот тим освои и три бронзени медали, кои им припаднаа на Ивано Божиновски, Леонид Тодороски и Андреј Тасиќ, додека Филип Калкашлиев доби пофалница за своето одлично учество. Успешен настап забележа и Марко Митевски, кој достојно ја претставуваше Македонија на најпрестижниот светски математички натпревар.
Овој успех е уште една потврда за квалитетот на македонските млади математичари, кои со знаење, посветеност и упорност продолжуваат да освојуваат признанија на најголемите меѓународни натпревари.
Освоеното злато на штипјанецот Дамјан Давков претставува повод за голема гордост за Штип и за цела Македонија, а достигнувањето сигурно ќе остане запишано како еден од најзначајните успеси на македонското учество на Интернационалната математичка олимпијада.