Штипскиот театар дејствува во неповолни услови за работа, најавена нова театарска зграда

Нови просторни услови, нова театарска зграда, повеќе вработувања и популаризација е она што му треба на Народен театар – Штип. Во годината кога одбележува 100 години театарско здружување, актерите сѐ уште се соочуваат со најосновни пречки и дејствуваат во неповолни услови за работа. Актерите од театарскиот ансамбл сметаат дека можното решение за ова е поткрепа од Министерството за култура, поголем интерес од медиумите и јавноста, како и здружено дејствување на сите театри во земјава.

„Со ансламблот којшто го имаме да се вработат млади актери. Министерството за култура да има слух за нас, особено да се променат и овие стари згради, затоа што знаеме дека во многу градови има нови театри. Мораме да функционираме и ние со текот на времето како се развива. Треба да има и поголем број новинари да ја гледаат претставата, да дискутираат, да има тркалезни маси и да се случат гостувањата од град во град, заради тоа што мислам дека сме само десет града, десет театри, а се однесуваме како да сме секти и секој сам за себе функционира, што е многу лоши и погубно за театарот во Македонија воопшто, а тука се и гостувањата на фестивали. Мислам дека тоа е приоритет на Народен театар – Штип, инаку претставите ќе умрат овде и никој нема да ги види“, вели актерот Ефтим Трајчов-Ѓаурски.

Во таа насока директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, во чиј склоп е и Театарот, подготвува проект за нова театарска зграда. Вели дека се надева оти во проектот ќе се вклучат повеќе чинители и истиот ќе биде реализиран до следната година.

„Треба да се работи на подобрување на условите во самиот Театар. Јас како директор веќе работам на еден поголем проект, којшто наскоро ќе биде презентиран, следната година ова време треба да имаме нова театарска зграда. Ова е амбициозен проект, којшто мислам дека ќе успееме да го реализираме заеднички. Тука ќе има вклучено многу луѓе и мислам дека ќе имаме еден Театар којшто ќе прилега на градот“, вели Трајков.

Инаку, штипскиот Театар годинава ќе има шест претстави во нивна продукција, што, според актерите, е минимумот којшто еден театар треба да го има. Во вакви услови нивната реализација, секако, е голем предизвик, но велат дека истите не треба да бидат пречка за развивањето на театарската култура.

Ребека Спасова М-Нет