Забрана за сообраќај на магистралата А3 ќе има до понеделник, се санира штетата од дождот

Се санира штетата на магистралата А3 кај месноста Црквенска Река, која вчера попладне ја предизвика надојдената вода. На терен се екипи на ЈП „Македонија пат“ и директорот, Костадин Ацевски, според кого, санацијата ќе заврши во текот на денешниот ден, а најдоцна до понеделник патот ќе биде пуштен во употреба. Во меѓувреме, сообраќајот на патниот правец Македонска Каменица – Делчево, на два километри пред Делчево, се пренасочува преку Виница и Смојмирово, соопштуваат од АМСМ. На самото место е поставена и соодветна сообраќајна сигнализација, а забраната за движење важи за сите возила.

„Веднаш по штетите што настанаа од невремето на магистралата што го поврзува Делчево со Македонска Каменица, екипите на ЈП „Македонија пат“ излегоа на терен, се работи на санација на оштетувањата на патот што се настанати од големата надојдена вода. Патот денеска ќе биде саниран и по извршување на целосните завршни работи веќе понеделник, најдоцна вторник, очекуваме да биде пуштен во сообраќај“, вели Ацевски.

Штети има и на неколку други места, кои се санираат тековно. Од таа причина се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност за појава на одрони, што посебно се однесува за делниците Виница – Берово и Кочани – Делчево.

„Има проблеми има одрони, ги решаваме тековно. Со големите одрони веќе е завршено, другите ги решаваме со редовно работење. Цело време има проблеми од надојдените води, меѓутоа екипите на „Македонија пат“ постојано се на терен, интервенираат и работат на отстранување на последиците“, додава Ацевски.

Вчера до 20:00 часот можеше да се користи и алтернативниот патен правец преку селата Киселица и Полето, но сепак поради нестабилниот терен, се воведе целосна забрана за сообраќај за сите видови возила на магистралата А3. Делчево веќе два дена е мета на силно невреме, поради што беа поплавени над 70 објекти, а со тоа и уништена покуќнина, автомобили, подруми и распукани и оштетени улици.

Ребека Спасова М-Нет