Штипската библиотека ги прими првоодделенчињата, за нив бесплатно годишно членство

Првоодделенчињата од ООУ „Ванчо Прке“ денеска се запознаа со книгата во штипската Библиотека. Директорката, Ивана Стојанова, вели дека организираниот настан е со цел на дечињата да им се објасни значењето на книгата и да се запознаат со услугите на Библиотеката, во која треба да доаѓаат што почесто. За сите ученици во прво одделение од Штип и селата, каде минува Инфо-бусот на Библиотеката, обезбедено е бесплатно едногодишно членство.

„Денес, Националната установа – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип организира настан за првоодделенчињата од ООУ „Ванчо Прке“ на кој ќе им посочиме за важноста на читањето уште на почетокот од нивното образование, како и за редовната посета на Библиотеката. Со цел да ги мотивираме да доаѓаат што почесто и оваа исто како и претходната година подготвивме бесплатни годишни членства за сите ученици од Штип од прво одделение, како и од околните села низ коишто минува Библиотеката“, истакна Ивана Стојанова, директорка на НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип.

Директорката Стојанова ги покани родителите и дечињата да ја посетат Библиотеката и со тоа бесплатно да се зачленат и да ги читаат училишните лектири и слободна детска литература.

„Така, родители добредојдени сте секој работен ден од понеделник до петок, од 8:00 до 19:00 часот, како и сабота од 8:00 до 13:00 часот, заедно со вашето дете да ја посетите Библиотеката и да направиме бесплатно членство“, додава Стојанова.

Штипската Библиотека и минатата година во текот на месец септември вршеше бесплатен упис на сите првачиња, како еден од начините да се доближи книгата до најмалите.

Ребека Спасова М-Нет