
Штипјанецот Дарко Андонов, со псевдоним т.е. уметничко име ДААН ја помовираше новата песна со видео спот, која го носи насловот „Мојот свет“. Автор на музиката и текстот е самиот тој, а аранжманот го работел заедно со неговиот долгогодишен пријател и соработник Кире Јакимов, кој исто така е одговорен за овој музички продукт да звучи вака. На видео записот се потпишува Никола Ивановски, а видеото е ултрамодерно и одговара на диско-ритамот на песната, со комбинација на повеќе елементи. Андонов вели дека снимањето било исцрпувачко, бидејќи снимале во затворена просторија повеќе од 12 часа за само неколку клучни елементи, меѓутоа на крајот на краиштата, вели Андонов, најважен е резултатот.
„Најпрвин да Ви се заблагодарам за вниманието и едно големо браво за Вас што овозможувате да ја промовираме нашата новокомпонирана македонска музика. Само со поголема поддршка од сите медиуми, МАК музиката може да стигне до нивото кое го заслужува. Многумина би помислиле дека ова е љубовен текст и на таков начин би ја почувствувале, но сепак пораката е многу поопсежна и поширока. Живееме во едно специфично време каде што вистинските вредности се сѐ повеќе потиснати од алчноста, себичноста и специфичниот начин на новото модерно живеење, во што голема улога имаат политиката, социјалниот немир, меѓутоа и социјалните мрежи, без кои нормално веќе не можеме да функционираме. Ова беше главната причина да пренесам една порака преку мојата музика дека сите заедно треба со наша „акција“ да придонесеме за некаква „реакција“ и „овој свет“ да го направиме поубаво место за живеење, а „нашиот свет да нема граница“, со што не мислам на територијална граница, туку на умствени, културолошки и меѓучовечки граници. Ова се мали извадоци од самиот текст“, вели Андонов.
Во следниот период Андонов најавува повеќе нови проекти како солист, но и како композитор. Во моментов работи на две песни, кои ќе бидат во негова изведба, а за кои најавува дека публиката ќе ги слушне во брзо време. Вели, работат и на повеќе проекти со млади и талентирани вокалисти кои ќе бидат презентирани на јавноста на Макфест 2023, а останатите преку видео спотови ќе бидат промовирани на телевизија, радио и на социјалните музички платформи.
Ребека Спасова М-Нет