Штип ја празнува Света Петка, нејзиното тело е нераспадливо, граѓаните силно веруваат

Голем број верници денеска ја наполнија црквата во штипската населба Сењак, посветена на Света Петка, за молитвено да го одбележат нејзиниот празник. Светата литургија ја предводеше митрополитот брегалнички Г. Иларион, кој во својата беседа повика на вера, смирение и човекољубие. Празникот на Света Петка потсетува на животот на преподобната Параскева, жената што го оставила светот за да му се посвети на Бога во тишината на молитвата. За многумина, ова е ден на духовно преиспитување и благодарност. Од Сењак денеска се испрати порака за љубов, надеж и духовна сила.

,,Денешната Света Петка е преподобна Параскева-Епиватска, бидејќи таа е родена во епиват, близу Цариград од богати христољубиви родители. Таа имала и еден брат Ефтими, кој додека биле родителите живи се замонашил, потоа станал и епископ. По смртта на родителите Света Петка својот имот го раздала на сиромаси и отишла прво во Цариград, каде што поживеала неколку години во манастирот, а отоа отишла и во јорданската пустина, каде што децении се подвизувала во пост и молитва, наидувајќи на големи искушенија од нечистивиот. Еден ден Света Петка и се јавил агел господов и и рекол, остави ја пустината и врати се во родниот Епиват, каде треба да ја положиш душата пред Бога, а телото на земјата. Така и сторила. Поживеала уште две до три години во Епиват исто во пост и молитва и ја предала својата душа на Бога.“, рече Јанев

Но нејзината приказна не завршила со смртта. Божјата промисла ја открила нејзината светост на чудесен начин.

,,Бидејќи Бог своите светители никогаш не ги остава, а да не бидат откриени, после некое време каде што била закопана Света Петка, иако никој не знаел која е таа жена и не ја познавал. Морето исфрлило тело на некој морнар. Во близината на телото се подвизувал некој столпник на кого му пречела миризбата од телото, па ги повикал селаните да ги погребат телото. Копајќи селаните за гроб, наишле на мошти, но не знаеле кој се. Кога го закопале и телото на морнарот, вечерта на некој селанец Горги и некоја Ефимија им се јавила Света Петка облечена во царска облека со мноштво ангели и им рекла дека моштити се нејзини и замолила веднаш да го тргнат телото на морнарот од нејзиниот гроб. Така и направиле, селаните го извадиле телото на Света Петка и го положиле во ковчег.“, додава Јанев

Моштите на Света Петка низ вековите минале низ Трново, Белград и Цариград, за конечно да најдат покој во Јаши, во денешна Романија. Таму, нејзиното нераспадливо тело и денес е место на молитва и исцеление. Илјадници верници сведочат дека Света Петка и по векови им помага на сите што со искрена вера ќе ја побараат нејзината застапа пред Бога.

Иван Митев, М-Нет