Штип УГД со убедлива „метла“ против шампионот: Струмица падна во дербито на плејофот

Одбојкарите на ОК Штип УГД испратија силна порака во плејофот на Првата лига мажи, откако со убедливи 3:0 (25:19, 25:19, 25:16) го совладаа актуелниот шампион ОК Струмица во дербито од второто коло.

Натпреварот целосно помина во знакот на домаќинот, кој од првиот до последниот поен делуваше сигурно, дисциплинирано и тактички зрело. Штип УГД го контролираше темпото, наметна силен сервис и стабилен блок, не оставајќи простор за изненадување против еден од најголемите ривали во македонската одбојка.

Кај гостите од Струмица се почувствува отсуството на искусниот Владо Милев, кој ја продолжи кариерата во странство, а токму овој меч беше и деби на поранешниот репрезентативец Васе Михаилов на клупата како главен стратег. Михаилов им даде шанса на сите расположливи играчи, настојувајќи да ја пронајде вистинската формула за продолжението од плејофот.

За разлика од првиот меѓусебен дуел сезонава, екипата од Штип овојпат не дозволи падови во играта. Со максимална концентрација и зрел пристап, домаќините без поголеми проблеми го одработија дербито и со новите три бода остануваат на врвот на табелата.

Во следното коло, Штип УГД го очекува нов сериозен предизвик – гостување кај Работнички 71&22, натпревар кој може дополнително да ја искристализира борбата за највисок пласман во плејофот.