Штип УГД на 10 декември во Радовиш ќе го пречека Милано во 1/16 финалето од Челинџ купот

ФОТО: М Нет телевизија

Македонскиот вицешампион Штип УГД ќе го одигра првиот натпревар од 1/16 финалето на Челинџ купот на домашен терен, но во Радовиш. На 10 декември (среда), со почеток од 19:00 часот, во салата „25 Мај“, македонскиот тим ќе го пречека силниот италијански состав Милано.

Актуелниот освојувач на Куп титулата неодамна со убедливи 3:0 и преку „златен сет“ го елиминираше норвешкиот Кол Ил, обезбедувајќи пласман во главната фаза од третото најквалитетно европско клупско натпреварување под капата на ЦЕВ.

Според официјалниот распоред на ЦЕВ, првите натпревари од оваа нокаут фаза се играат во периодот од 10 до 12 декември, додека реванш-натпреварите се закажани веднаш по Нова година – од 5 до 7 јануари.

Реваншот на италијанско тло, Штип УГД ќе го одигра на 6 јануари, на Бадник, со почеток од 17:30 часот, во прочуената сала „Центро Павеси“ во Милано.

Штипјани ќе се надеваат на силна поддршка во Радовиш, каде што ќе бараат позитивен резултат пред тешкиот реванш во Италија.

Александар Ванев, М-Нет