Штип со ново предлог – решение за ГУП – содржи мали измени, но е со иста површина

Нацрт – ГУП за град Штип за плански период од 2014 до 2029 година беше тема на денешната стручна расправа во Општина Штип. Неколку измени се дел од новиот во споредба со постоечкиот план, меѓутоа значителна промена во површината нема. Во однос на сообраќајната инфраструктура, новото планско решение го намалува рангот на одредени улици со што би се овозможил развој на централното градско подрачје.

„Опфатот којшто го има нацрт – ГУП е оној којшто беше дефиниран и со постоечкиот, односно ГУП којшто е донесен во 2009 година, со мали измени на границите на опфат на североисток. Површината која ја обработува ова планско решение е 2292 хектари, што значи во однос на површината не постои некоја драстична промена во однос на старото планско решение. Околу границите на предлог ГУП-от, имаме разлика од постоечкиот, со тоа што опфатот во делот којшто гравитира кон Караорман се намалува, од друга страна имаме мала промена во делот на планскиот опфат во Суитлак, каде што имаме зголемување“, истакна Лазар Хаџи Николов, раководител на Одделение за урбанизам при Општина Штип.

Расправата беше јавна, па на истата присуствуваа сите заинтересирани граѓани кои посочија на одредени забелешки. Забелешките ќе може да ги доставуваат и до Архивата на Општината преку анкетни прашалници во рок до 29 јули, по што ќе бидат разгледани од Комисијата за урбанизам.

„Во однос на забелешките коишто ги истакнаа граѓаните усно на самата расправа, беше споменат рангот на сообраќајницата којашто гравитира во близина на индустриската зона кон Чардаклија, за каде што истакнаа дека во иднина би можеле да имаат проблем во однос на развојот на нивните капацитети со тоа што не би можеле да извршат директен приклучок на оваа сообраќајница, односно на сообраќајницата Кочани – Радовиш“, додаде Хаџи Николов.

Индустриските зони генерално се развиваат на веќе постоечките. Генералниот урбанистички план сега ги вклучува и Мерите, каде има и неколку градежни парцели за станбено домување, а градот ќе се шири во однос на изградбата на Линија 2.

Ребека Спасова М-Нет