
Штип денеска доби уште една голема спортска потврда. Ацо Крстов и Трајче Димков се меѓу добитниците на државната награда „8 Септември“, признание со кое државата им оддава почит на оние кои со своите резултати, посветеност и долгогодишна работа оставиле траен белег во македонскиот спорт.
По повод Денот на независноста – 8 Септември, Министерството за спорт денеска на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија ги додели државните награди за високи остварувања во областа на спортот.
Државната награда „8 Септември“ годинава се доделува по 14-ти пат, а меѓу годинашните лауреати повторно доминира борењето.
За остварувања во областа на спортот наградени се Димче Ангелов, Ацо Крстов, Дејан Ангеловски и Ангел Мицевски – Скакар, додека наградата за животно дело, која е од траен карактер, му припадна на Трајче Димков.
За штипската спортска јавност, особено значајно е што Ацо Крстов и Трајче Димков се дел од ова престижно друштво и добија државно признание за својот придонес во македонскиот спорт.
Посебна тежина има наградата за Трајче Димков, човек чиј живот е нераскинливо поврзан со борењето. Во својата богата кариера тој бил спортист, тренер, селектор и спортски работник, а сега неговото долгогодишно дело е крунисано со највисокото признание – наградата за животно дело.
Министерот за спорт Борко Ристовски ги поздрави добитниците, истакнувајќи дека наградата „8 Септември“ има посебна симболика бидејќи преку неа државата им оддава почит на луѓето чии спортски достигнувања станале дел од нејзината историја.
Ацо Крстов и Трајче Димков се уште една потврда дека Штип има што да покаже кога станува збор за македонскиот спорт, а нивните имиња сега и официјално се запишани меѓу добитниците на едно од најзначајните државни спортски признанија.