Штип – Се поставува фотоволтаик во населба Три Чешми

Во штипската населба Три Чешми, на зградата од подрачното училиште при ООУ “Гоце Делчев“, денес започна поставувањето на фотоволтаик неопходен за заштеда на електричната енергија.

Средствата за овој проект се издвоени од програмата за финансиска поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со цел поттикнување на локален развој на руралните средини при Министерството за земјоделие.

Како со-основач и партнер во предлог проектот Општина Штип ќе кофинансира 33 % од вредноста на предлог проектот, а останатите се побарани и обезбедени од агенцијата.

Пред почетокот на активностите за поставување на фотоволтаикот, заменик градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов истакна дека општината учествува со 100.000 денари, а агенцијата со 200.000 денари. Односно дека вкупната вредност на проектот е 300.000 денари.

Зградата од подрачното училиште “Гоце Делчев“ е четврта институција каде се поставува фотоволтаик во Штип.

Претходно беа поставени фотоволтаици на зградата на ООУ „Ванчо Прке“, филтерстаницата и зградата на Териториалната противпожарна единица.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Монтажа ДАРКО ДОНЕВ