
По најавата од страна на Министерот за здравство, Венко Филипче, дека ќе има нови вработувања во болниците низ државата, започна процесот на известување од страна на директорите за тоа која е бројката на неопходен медицински персонал.
Што се однесува до Клиничка болница Штип, од директорот, д-р Ален Георгијев дознаваме дека денес е доставен списокот со барање до ресорното министерство.
-Со оглед дека е направена нова систематизација, бројот за нови вработувања, посочен во барањето д Министерството изнесува 55. Меѓу останатиот наведен потребен кадар, во штипската клиничка болница се неопходни пет доктори, осум медицински сестри и една акушерка – истакна д-р Георгијев.
Тоа значи дека тешка ќе биде борбата за невработениот медицински кадар, односно доктори и медицински сестри кои редовно се пријавуваат во Агенцијата за вработување.
Oд директорката на Подрачната единица во Штип, Катица Арсовска, Мнет дознава дека евидентирани се осум невработени лица од профилот доктор по медицина, четири дипломирани медицински сестри, три лица од профилот Специјалист медицинска сестра од општа насока, 55 лица од профилот медицинска сестра и девет невработени лица од профилот медицинска сестра-бабица.
Она што ќе следува е да се чека на разгледување на барањето од страна на одговорните во Министерството за здравство, по што ќе се знае точната бројка на нови вработувања за кои ќе бидат обезбедени финансиски средства.
Потоа, од Клиничка болница Штип, ќе биде распишан конкурс, на кој што ќе може да се пријават заинтересираните невработени медицински лица, истакна директорот д-р Ален Георгијев.
Од ресорното министерство најавија дека веќе има дадено согласност за 5000 вработувања, дел од кои приоритет ќе има младиот медицински персонал кој од почетокот на пандемијата активно се вклучил во борбата против КОВИД 19.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ДАРКО ДОНЕВ