
Штип ќе биде еден од осумте града во кои Владата под слоганот „Ние сме Европа“ на граѓаните ќе им објаснува дека процесот до Европската Унија е пат кон посигурна иднина. Во Штип ќе се разговара на тема инфраструктура, а преку средби со граѓани и здруженија ќе има дискусија и можност за прашања. Денешната прес-конференција на вицепремиерот за економски прашања, Бојан Маричиќ, започна со снимена анкета од граѓани, меѓу кои и штипјани, кои зборуваа во врска со придобивките од Европската Унија.
„Кампањата ќе се реализира во осум града: Скопје, Струмица, Битола, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип и Куманово. Во секој од овие градови ќе се организираат тематски настани со кои ќе ги покриеме најважните теми коишто врз основа на нашите анализи ги интересираат граѓаните, тоа се: економија, труд и социјална политика, туризам, инфраструктура, култура, земјоделие, млади и енергетика“, вели Маричиќ.
Маричиќ додаде дека Европската Унија носи можности за сериозен развој. Посочи дека пораките од високите европски претставници биле јасни и прецизни, а ним им останувало да работат со граѓаните за да дадат поддршка. Напомена оти интеграцијата во ЕУ носи реформи, но ја чувала и традицијата.
„Средби со здруженија, претставници на граѓански организации, претставници на бизнис-заедницата и други целни групи со кои сакаме да ги дискутираме европските вредности и со кои ги споделуваме европските вредности кои се заинтересирани да слушнат и да прашаат за процесот на пристапување кон ЕУ. Во секој град истиот ден ќе се одржува и трибина на централно препознатливо место. Целта на овие настани е да им ги претставиме придобивките од брзото членство во ЕУ, неопходните реформи кои треба да ги направиме за да ги постигнеме европските стандарди“, додава Маричиќ.
Кампањата официјално ќе започне на 30 август со првиот настан во Скопје, а ќе трае еден месец до крајот на септември и за сите активности ќе се потрошат вкупно 80.000 евра или 5.000.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет