Бизнис секторот и Општина Штип обезбедија прибор за 403 првачиња кои ќе седнат во училишните клупи

За вкупно 403 запишани првачиња Општина Штип втора година по ред во соработка со бизнис секторот обезбедува ранци и училиштен прибор. Градоначалникот, Иван Јорданов, вели дека три штипски општествено-одговорни компании обезбедија маички, училишен прибор и ранчиња. Со тоа, според, него ќе се овозможи секое детенце од прво одделение со радост да ја започне новата учебна година.

А годинава во училишните клупи за првпат ќе седнат 19 првачиња помалку споредбено со минатата година. Од Секторот за образование при Општина Штип велат дека се надеваат оти оваа бројка деновиве ќе се зголеми, бидејќи сѐ уште има родители кои не ги запишале своите деца во прво одделение.

„Во овој момент имаме пријавено вкупно 403 ученици во прво одделение во петте основни училишта. Минатата година имавме малку поголем број – 422 дечиња, што значи за 19 ученика помалку. Меѓутоа, ова не значи дека е конечната бројка може да се случи и упис на уште неколку деца, коишто не се запишале, а кои по реонизација можеби припаѓаат на друго училиште, но од оправдани причини ќе бидат запишани во некое друго училиште по барање на родителите и секако согласно со Законот за основно образование“, вели Санева.

„Во ООУ „Ванчо Прќе“ се запишани 121, потоа во ООУ „Славејко Арсов“ во населбата Баби има 41, ООУ „Тошо Арсов“ 86, потоа во ООУ „Димитар Влахов“ се вкупно 100 и во ООУ „Гоце Делчев“ вкупно 55 првачиња“, додава Санева.

Санева е оптимист дека бројката на запишани првачиња ќе се зголеми во септември, иако факт е дека од бројките на првачиња во училишните клупи од година во година опаѓаат.

Ребека Спасова М-Нет