Шкендија и Силекс од нови победи, Тиквеш ја доби Брера во трката за опстанок!

ФОТО: ФК Беса

Тиквеш забележа голема и важна победа од 2:1 над Брера Струмица во трката за опстанок во Првата македонска фудбалска лига, откако денес беше подобар на домашен терен против директниот конкурент за опстанок.

Работнички преку пресврт го доби Пелистер со што „романтичарите“ дојдоа до побеад од 2:1 на битолчани. Пелистер ја продлабочува резултатската криза со четврти пораз во низа.

Шкендија во меч со пет гола беше подобра од Беса во Гостивар со резултат од 2:3 со што тетовскиот тим ја продолжува трката за титула.

На триумф и три бодови се израдува и Силекс кој на Чаир преку пресврт со 1:2 славеше над Шкупи и со тоа Силекс ја продолжува трката со Шкендија за титулата.

На мечот меѓу Струга и Гостивар немаше победник, а беа постигнати по еден гол за конечни 1:1 и поделба на бодовите.

Натпреарот во Охрид меѓу Воска и Вардар не го дочека својот крај откако Воска Спорт во 76. минута одлучи да се повлече од игра при 1:1. Причината беше голот на Вардар кој за Вардар е според, а кој беше постигнат во 70. минута за 1:1.

Воска Спорт излезе и со соопштение веднаш после натпреварот, во прилог целосното соопштение на прволигашот од Охрид.

„ФК Воска Спорт го изразува свој револт, информирајќи ја Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за спорните одлуки на судиите на последниот натпревар што се одигра меѓу нашиот тим и Вардар. Од првата минута на натпреварот, нашите играчи не беа еднакви на теренот со противничките играчи поради низа неправедни судиски одлуки, кои значително влијаеја на текот на играта и на резултатот од натпреварот. Судиите постојано носеа спорни одлуки, што доведе не само до нефер игра, туку и до серија неоправдани опомени и казни за нашите играчи. За жал, поради овие сериозни неправди, во 76-та минута нашиот тим беше принуден да се повлече од игра. Веруваме дека тоа беше единствената можна одлука за заштита на правата на нашите играчи и за спречување на понатамошно нарушување на спортскиот интегритет. Во таа насока, бараме од ФФМ да ги разгледа спорните одлуки на судиите и да преземе мерки за да се спречат вакви ситуации во иднина. Се надеваме дека ќе биде спроведена детална истрага за судиските одлуки и ќе се обезбеди фер и еднаква игра за сите екипи. Во исчекување на вашата реакција и понатамошни насоки, ви благодариме за разбирањето“, се вели во соопштението на Воска Спорт.

Извесно е дека Вардар службено со 0:3 ќе го добие мечот во Охрид.

Александар Ванев, М-Нет