Шипинки и трнинки со силна лековитост, собрани од 88-годишниот чичко Киро од Штип

Шипинка или шипка – темно црвено овошје кое можете да го најдете на тезгата на 88-годишниот чичко Киро на пазарот во Штип. Годините него не го спречуваат да оди на високи места и да набере плодови од природата. Едни од нив се и шипинките, за кои вели дека не е тешко да се соберат особено кога ги има во големи количини. Важно е и човек да знае како и да може да ги собира, а тој е дециден во тоа дека сѐ уште може да се занимава со ова.

„Ги собирам, ги купуваат за чај. Епа, не е тешко да се соберат кој може да бере, тешко е за тој што може да бере, а јас можам“, вели чичко Киро.

Оваа година е родна за шипинките, вели чичко Киро. Луѓето знаат дека можат да ги најдат кај него и често ги купуваат за чај. Богати се со витамин Ц, го зајакнуваат имунитетот, а помагаат и при сува кашлица и настинка. Некои од нив прават и џем и мармалад. Чичко Киро ги собира во штипскиот регион.

„Има, ги има доста оваа година, има родено доста. Има горе, во Суитлак, нагоре, накај Шашаварлија, натаму ги има“, додава чичко Киро.

Чичко Киро собира и трнинки, кои исто така може да се најдат на неговата тезга, но нив ги има помалку и потешко е да се соберат. Луѓето ја препознаваат и нивната лековитост и често ги бараат и нив.

„Берам трнинки исто, и тие се добри, ама тие ги нема многу“, додава чичко Киро.

Инаку, освен собирањето шипинки, трнинки и чаеви од повисоките места, чичко Киро има и хоби да изработува дрвени лажици. Тој вели дека така корисно го поминува слободното време, секој лесно може да научи и да се занимава со нешто вакво, само потребно е многу трпение, доволно љубов и силна посветеност.

Ребека Спасова М-Нет