Навремен или задоцнет е пакетот антикризни мерки, одговара ли на потребите?

За некого помош за граѓаните, за други предизборен „поткуп“ на гласачи, вакви се реакциите по објавувањето на деветтиот економски антикризен пакет кој неделава го донесе Владата. Вкупната сума од 662 милиони евра, колку што вреди овој пакет, подразбира пет месеца помош за пензионерите и седум за студентите и учениците, мерки има и за социјално-ранливите категории и бизнис секторот. Според штипјани, ваквите мерки некому, можеби, ќе помогнат делумно, но посочуваат дека веќе се задоцнети, зашто парите вредат многу помалку. Пензионерите како најголема група опфатена со овој пакет мерки не престана да протестира, ами повторно го покажа незадоволството од ваквото „пакетче“, како што го нарекуваат тие.

Со мерките над 105.000 ученици во основното образование и средношколци, во наредните шест месеца ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно. 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за наредните седум месеца. Опфатени се и корисници на надоместок заради попреченост, самохрани родители – корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години, кои користат посебен додаток, на кои ќе им се исплаќаат по 2.000 денари во период од 5 месеци. Во следните пет месеца, пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно. А за истиот период од пет месеца, предвидена е и финансиска помош од по 2.000 денари за пензионерите со пензии од 14.000 до 16.000 денари и по 1.500 денари за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари.

Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ сметаат дека вкупниот планиран буџет е несоодветен на моменталната потреба.

„Мерките опфаќаат и цели што не се директно поврзани со кризата, што може да предизвика погрешна перцепција, имајќи предвид дека државата влегува во предизборен период. Во тој поглед, клучната препорака е наместо постојан кризен фокус, во оваа фаза тој да се префрли на градење отпорност и одржливост на економијата.“ – велат од „Фајненс тинк“.

Од таму наведуваат дека ако лани сме имале акутна состојба и реално оправдување за обемен пакет антикризни мерки, оваа година се наоѓаме во излезна фаза од кризата.

Ребека Спасова М-Нет