
Шампионот во Првата женска фудбалска лига, екипата на Љуботен, за пролетниот дел од сезоната каде ќе води борба за одбрана на титулата промовираше две нови засилувања. Се работи за Црногорката Тања Малесија и Хрватката Лаура Фикет.
Малесија во македонскиот шампион доаѓа од редовите на рускиот тим Динамо Москва, а 19-годишната фудбалерка треба да претставува големо засилување и освежување во одбраната на Љуботен особено во таа борба за одбрана на титулата.
Дополнително Љуботен на голманската позиција се засили со хрватската репрезентативка Лаура Фикет. Се работи за 22-годишна голманка која во Љуботен доаѓа од полскиот тим Медик Коњин, а претходно го чуваше голот на Сплит и Хајдук од Сплит, а ги има поминати сите селекции на хрватската репрезентација.
Шампионот Љуботен најавува уште неколку засилувања со кои треба да се направи конкурентен тим за одбрана на титулата, а одбраната на титулата Љуботен ќе ја води со лидерот Тиверија Брера од Струмица и со второпласираната Каменица Саса. Шампионот во Првата женска фудбалска лига обезбедува и излез во Европа.
Александар Ванев, М-Нет