Доделени 35 станови во Кочани на социјално загрозени семејства

Санде Андов од Кочани конечно доби сопствен дом во кој ќе живее заедно со неговото семејство. Тој неговата сопруга и четирите малолетни деца досега живееле под кирија. Од денеска имаат сопствен дом, во населбата Драчевик во Кочани.

Освен семејството Андови, социјален стан добија уште 34 семејства од социјален ризик, со што го решија своето станбено прашање.

„Имаме 35 станови со квадратура од 35 до 45 метри квадратни. Становите се за ранливи категории. Станови се градат во Сарај, Бутел и во Прилеп кои во наредниот период ќе бидат доделени.“ – вели Стефановски.

Инвестицијата за изградба на третата социјална зграда во Кочани е вредна 72 милиони денари. Освен во Кочани социјални згради се градат и во Прилеп, Бутел и општина Македонска Каменица.

„Завршена е процедурата во соработка со министерството во транспорт за распределба на станови на социјални категории граѓани и во Кочани и во Велес. Се работи за категории граѓани кои имаат потреба од овие станови. Инвестицијата е вредна 72 милионии денари. “ – вели Николоски.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кочани посочи дека ова е од големо значење како за нив така и за семејствата кои добија кров над глава. Додаде дека со истиот пример продолжуваат и во иднина.

„Задоволство ми е кога се пушта нешто во употреба и имаме корисници кои со задоволство го очекуваат овој момент.“ – вели Мицковски.

Во наредниот период ќе се работи и на изградба на комерцијални станови, кои ќе бидат понудени на продажба по цени реални и достапни за граѓаните. Комерцијалната зграда во Битола ќе се нуди по цена од илјада евра метар квадратен за станбена површина, 500 евра за гаража и две илјади евра метар квадратен за деловен објект.

Лаура Стојанова М-Нет