
Актуелниот шампион Јанта Волеј КВ е во резултатска криза, откако забележа пораз на гостувањето во Штип, каде во рамки на седмото коло на Првата одбојкарска женска лига, екипата на Младост УГД со 3-0 во сетови убедливо славеше во спортската сала „Јордан Мијалков“ пред својата верна публика.
Штипските одбојкарки доминираа во сите три сетови, а шампионот во Штип пристигна со девет одбојкарки и немаше сили за да може да парира на теренот против расположениот домаќин.
Првиот сет Младост УГД го доби со 25:18, во вториот сет скопскиот тим се обидуваше да парира но не успеа откако сетот го загуби со 25:21, а во третиот сет шампионот се распадна и сетот го загуби со 25:14.
Наковски Волеј нижи високи и убедливи победи откако со 0-3 во сетови го доби Работнички Скопје во гости, а пак Струмица Жени на домашен терен со 3-0 во сетови го декласираше тимот на Ускана.
Уште две убедливи победи беа забележани, откаок Фит Фан Волеј загуби од новиот прволигаш Пелистер Волеј со 0-3, а пак Газели Волеј со 3-0 во сетови го доби Вардар ЕМ.
На врвот е Наковски Волеј со максимални 20 бодови, втор е Работнички Скопје со 18 бодови, трет е Газели Волеј со 15 бодови, а на четвртото место е штипски Младост УГД со 14 бодови.
На дното од табелата без бодови се Фит Фан Волеј и Ускана.
Александар Ванев, М-Нет