Четири екипи во трка за влез во Првата футсал лига, дебитантот од Кочани во златна средина

ФОТО: АРХИВА

Првите две места водат директно кон пласман во Првата футсал лига, а за истите конкурираат четири екипи, две ќе останат во Втора лига и следната сезона.

До крајот ќе има голема борба бидејќи остануваат да се доиграат уште седум кола, а со тоа во игра се голем број на бодови и може да се случат големи промени на самата табела.

Лидер на табелата е поранешниот шампион на Македонија, Железарец кој има 34 бодови на своето конто, со бод помалку е СЕЕ Университи кој се наоѓа на второто место. Ланскиот прволигаш Црна Река е трет со 30 бодови, а пак тимот на Каршиака ја држи четвртата позиција со 28 бодови.

Овие четири екипи конкурираат за првите две позиции кои водат кон Прва лига, две екипи од следната сезона ќе играат во Прва лига, а две ќе останат во второлигашкото друштво и во сезона 2026/2027.

Останатите екипи се израмнети во средината од табелата и ќе водат борба до крајот за што повисок пласман, а тоа е петто место на табелата.

На петтата позиција е токму Кратово со 19 бодови, екипата на Фудбал Старс од Кочани која е дебитант и по првпат пат игра во Втората футсал лига е во златна средина со 18 бодови го држи шесттото место, а толку бодови има и ССК која е место подолу.

Партизан Југ е осми со 16 бодови, битолски Конзули е деветти со 13 бодови, а големо разочарување оваа сезона е Овче Поле, кој се наоѓа на претпоследното десетто место со 11 бодови. Тимот од Свети Николе пред две сезони испадна од Прва лига, лани водеше борба за експресно враќање во елитата, но не успеа во таа цел, а оваа сезона во целост потфрли.

На дното од табелата е тимот на Карадаку како единствен без ниту еден позитивен резултат – 13 порази од толку натпревари и нула бодови на своето конто.

Александар Ванев, М-Нет