
Колку новинарите се заштитени? Ова и понатаму е прашањето кое останува отворено во новинарската фела, а на кое и постојано се работи. Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, посочува дека позитивно е што нападот врз новинар, снимател или медиумски работник се смета како напад врз службено лице и тоа мора да се знае. Свесноста треба да ја креваме сите, вели тој, за тоа да допре до оние кои сакаат да ја ограничат медиумската работа.
„Една од добрите работие е што конечно се донесе оној Закон со којшто нападот врз новинарите, снимателите и медиумските работници ќе се смета како напад врз службено лице. Тоа практично значи дека при таков тип на напади, било тоа да се физички напади, било да се закани коишто би можеле да бидат на социјалните мрежи, Обвинителството ќе реагира и веќе реагира по службена должност. Порано постапката беше многу покомплицирана и ретко новинарите или снимателите во неможност да дојдат до своите права се откажуваа од тоа да поднесуваат пријави, да се влечкаат по судови, постапки коишто на крајот не знаат ни како ќе завршат“, вели Чадиковски.
Годинава имало четири сериозни пријави за напад врз новинари, сниматели или медиумски работници, а за едната веќе има и условна казна затвор. Чадиковски вели дека ваквата пресуда е силна порака дека насилниците, оние кои ќе кренат рака на медиумски работник кој е на работна задача, нема да поминуваат неказнето. За таа цел одредени се и контакт-точки во Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи кои веднаш реагираат во такви случаи.
„Назначен е еден обвинител во Скопје и обвинителки во Тетово, Битола и Штип. Тоа се контакт-точки коишто веднаш може да реагираат доколку нешто се случи. Тоа е едната работа, а другата работа е што ист ваков принцип на работа имаме воспоставено со Министерството за внатрешни работи во однос на нападите, но и на оние напади коишто стигнуваат, особено во однос на новинарките, во последно време се многу позачестени и создаваат несигурност во целиот новинарски амбиент и новинарската заедница, особено кај колешките, додава Чадиковски.
Со измените на Законот нападот врз новинар или медиумски работник се казнува како и напад врз службено лице. За тоа се предвидени и затворски казни до три години. Дополнително, со казна затвор може да се казни и некој што се заканува на новинари, без разлика на кој начин е испратена заканата, односно дали е лична, преку интернет и слично.
Ребека Спасова М-Нет