ЦУК: Регистрирани пожари во Радовиш, Свети Николе и Пробиштип, продолжува временска нестабилност и појава на град

Центарот за управување со кризи информира дека имало вкупно 2 388 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие. Од нив „реални“ повици биле 60,55%, а 39,45% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Инаку во последното деноноќие имало девет пожари на отворено и неколку помали интервенции и истите биле изгаснати. Пожари во кои е опфатена ниската вегетација се : Радовиш, кај с.Конче (депонија , стрништа и грмушки); Струмица кај с.Доброшинци (ниска вегетација); Свети Николе до градот (депонија и мал дел ниска вегетација); Пробиштип, кај с. Ратавица (земјоделска површина под житна култура, нискостеблести растенија и ниска вегетација) и во Општина Пробиштип кај с. Дреново (запалени нискостеблести растенија, ниска вегетација и лозје изгорена површина 3 Ха).

Вчера невреме прво го погоди Тетовско, па потоа Скопско и Кумановско, а и нивната околина. Тоа, беше предизвикано од интензивна нестабилна воздушна маса, проследена со обилен и интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Имаше правец на движење од западниот кон источниот дел од градот Скопје.

Според УХМР, до утре, петок, ќе се задржи променливо облачно, нестабилно и малку посвежо време со пороен дожд и грмежи. Во текот на утрешниот ден на повеќе места се очекува појава на невреме со обилен пороен дожд , грмежи, силен ветери град. За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник кон крајот на денот повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи.

Затоа за граѓаните се препорачува на внимателност пред и за време на најавените локални метеоролошки нестабилности. Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

Лаура Стојанова, М-Нет