Целосно заврши проектот за регулација на коритото на река Брегалница кај мостот во село Долни Балван

Заврши проектот за регулација на коритото на река Брегалница кај мостот во село Долни Балван. Со помош на праговите кои се изградени се стабилизира течението на реката, а ќесе заштити и мостот од евентуални оштетувања во иднина. Проектот го реализира Општина Карбинци заеднички со финансиски средства од Министерството за животна средина. Како што истакна градоначалникот, Виктор Паунов, станува збор за проект кој е од огромно значење за населението.

„Овде целосно е завршен проектот, а тоа е регулација на река Брегалница, на оваа делница, во должина од 200 метри. Се работи за проект кој е од суштинска важност за Карбинци и населението овде затоа што целосно го стабилизираме течението на река Брегалница, го заштитуваме мостот од оштетување и се стабилизира речното корито и овие преливни прагови ќе придонесат за помирно течение на реката. Проектот е реализиран со помош на средства од Министерството за животна средина“ – вели Паунов.

Во меѓувреме се завршуваат дел од започнатите проекти кои се финансирани од унгарскиот кредит, а со подобрување на временските услови се очекува и започнување на нови активности во повеќе населени места во општината.

„Во завршна фаза се два од четири проекти од унгарскиот кредит. Во завршна фаза е каналот во село Долни Балван како и една улица во Таринци, а во наредниот период ќе започнат со реализација две улици во Таринци“ – вели Паунов.

Потегот на река Брегалница кај мостот во село Долни Балван е доста важен за Општина Карбинци бидејќи во изминатите години заради зголемување на водостојот на реката честопати доаѓаше до оштетување на мостот.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет