Целер – растение со огромна полза за човечкиот организам, луѓето сѐ повеќе го купуваат

Сличен на магдоносот, од огромна полза за човечкиот организам. Целерот е вистинска витаминска бомба. Тој има особина да го прочистува организмот од токсините, па заради своите антитоксични својства одличен е за „пролетно“ чистење на организмот, после зимските денови. Помага во регулација на крвниот притисок, делува при заболувања на црниот дроб и жолчка, а помага и во регулирањето на шеќерот во крвта.

„Целерот е едногодишно растение. Тоа се користи во салата, супа, чај и за манџа, значи повеќенаменско е. Инаку, најмногу е за маснотиите и за рак. Најмногу е за тоа“, вели продавач на целер.

Луѓето ги препознаваат овие позитивни ефекти на целерот, па поради тоа сѐ почесто го купуваат. Иако важи за растение кое тешко се одгледува, процесот е прилично едноставен откако ќе разберето што точно треба да направите за да успее. Сака да цвета во мочурсливи услови, но бидејќи е тешко изводливо, култивиран е да може да се одгледува во градинарски услови. Сепак, потребно е трпение и подолг временски период.

„Не, не се одгледува тешко, само многу е споро. Значи, на целерот му треба најмногу четири месеца, малку е спор и потоа има уште два месеца. Значи, најмалку шест месеца ти треба да дојдеш до културата. Младите го земаат, но и старите веќе почнаа, ама младите посебно го земаат многу. Веќе се навикнаа и го земаат само тоа што не се прска, а кај мене веќе 90% културите не се прскаат, што значи дека се чисти и еколошки“, додава тој.

Инаку, целерот се користи во различните кујни ширум светот и се подготвува на најразлични начини, како свеж, како додаток на варива, супи, риби, хумус и салати, а најчесто се употребува и како сушен, односно како зачин. За исхрана се употребуваат сите негови делови, коренот, стебленцето, листовите, па и семето. Кулинарите препорачуваат ситно сецкање на свежиот целер пред да се додаде во јадењата, бидејќи така неговите ароми се најизразени.

Ребека Спасова М-Нет