
Профитирањето на пекарите и таксистите се заменува со едвај опстојување, согласни се и претседателот на Здружението на таксисти „Такси 2003“ – Штип, Глигор Арсов, и сопственикот на штипска пекара, Николче Малинов. Според нив, секојдневното вртоглаво растење на цената на нафтените деривати влијае врз нивното работење, па наместо да профитираат, тие се борат да опстојат на пазарот.
„Ние не може веќе да говориме за профит, ние веќе говориме за опстојување. Значи, да опстоиме на пазарот, да ги средиме и консолидираме нашите трошоци што поминимално, да се вклучиме во режим штедење. Се надевам дека со едно домаќинско работење сите ќе успееме во ова што ни следи. Веќе гледаме колку долго ќе работи една машина, колку долго ќе работи печка за печење леб, возилото каде ќе оди и дали е потребно да оди таму. Сето тоа чини, исто како едно домаќинско семејство кога гледа секој денар каде му оди“, вели Малинов.
„Се егзистира, бидејќи ние сме дејност, еве и пекарниците, тоа се дејности од коишто народот има секојдневна потреба. Еве, за жал, рестораните и дискотеките беа затворени. Тие луѓе како живееја, не знам. Тоа се сѐ фирми, бизниси, дејности коишто имаат земено кредити. Јас не верувам дека има фирма којашто нема земено кредит во некоја банка и сега луѓето знаат како се враќаат тие кредите. Банките се малку и немилосрдни, ретко кој ќе излезе во пресрет да го пролонгира кредитот или неколку месеца да не ти зема рата за кредит. Сега малку сме и исплашени, не само јас, туку и сите бизнисмени. Никој не ризикува да купи нова машина, од каде знае што ќе се случи. Или јас да купам сега пет или десет нови автомобили, во банката или во лизинг компанијата не ми велат дека ќе ме почекаат неколку години“, додава Арсов.
Ставени во неизвесност се, но очекуваат работите да бидат променети на подобро. Засега цената на лебот останува иста со оглед на фактот дека по одлука на Владата, лебот се продава по набавна цена. Цената на такси услугата во Штип, пак, варира и ќе се формира на дневно или неделно ниво согласно со одлуките на Регулаторна за цените на нафтените деривати.
Лаура Стојанова М-Нет