Христијаните утре го празнуваат празникот Прочка – потсетник на проштевањето, темел на постот

Православните христијани утре го празнуваат празникот на меѓусебното проштевање – Прочка. Празникот секоја година е на ден пред големиот велигденски пост, со што проштевањето се воспоставува како темел на постот. На овој ден христијаните се потсетуваат на покајанието и прошката, како основа за воспоставување на меѓусебните односи и односот кон Бог.

„Пред почетокот на Великиот пост, Светата православна црква го воспоставила денот Прочка или простување меѓу себе. Тоа е ден пред почетокот на Великиот пост, секогаш е недела, бидејќи Великиот пост почнува во понеделник, меѓу народот познат како чист понеделник, а, пак, денот недела е посветен за нас живите. Треба да си простиме еден на друг и да побараме прошка од оние на кои сме им згрешиле, а да им простиме кои нам ни згрешиле. Големината на христијанинот е да отиде да побара прошка дури и од оној кој нему му згрешил. Традицијата налага да оди помладиот кај постариот, сепак вистинската христијанска вера ни налага да одат оние кои си имаа вистина згрешено меѓу себе. За оние што не си згрешиле, а традиционално си простуваат нема никакво значење. Но најголемо значење е проштевањето меѓу оние луѓе кои еден на друг си згрешиле“, вели свештеникот Добрица Јанев.

Суштината на овој ден е свесноста за гревот и повиканоста на признанието за грев. Прошката иако се’ повеќе станува формалност, на овој ден се потсетуваме дека треба да биде искрено покајание. Мотивот на искреното проштевање и барање прошка е навлегување во духовниот живот и копнеж по прошка од Бог и другите, истовремено е способност да се прости некому. Проштевањето и постот меѓу нас се симбол на страдалните денови на Христос и радоста на воскресението со кое се проштеваат нашите гревови.

„Во молитвата Оче наш се вели Господи, прости ни ги гревовите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници. Па така, колку им ние простуваме, толку бараме и Бог да ни прости. Ако многу простуваме, Бог многу ќе ни прости. Но ако не простуваме, нема што да бараме и нам да ни се прости. Треба да размислиме, да се подготвиме и да се измириме еден со друг, но со оние со кои сме си згрешиле, со кои сме си замериле. Треба да се подготвиме за веќе наредниот ден да го почнеме со радост за здравје и спасение, да не ни биде товар и тежина, да ни биде радост и веселба, бидејќи иако се тоа тажни денови за распнувањето, сепак крајот е радоста на воскресението, победата над смртта и вечниот живот“, додава Јанев.

Прочка секогаш се паѓа во недела, пред почетокот на велигденскиот пост, меѓутоа датумот се одредува имајќи го предвид датумот на Велигден, кој исто така секогаш е во недела.

Ребека Спасова М-Нет