
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го усвои новиот систем за организација и структура на натпреварувањата на национално и регионално ниво во сениорскиот фудбал, со што државата официјално ќе биде поделена на шест фудбалски региони.
Според одлуката, Регион 1 ќе ги опфаќа општините од Скопскиот регион, меѓу кои Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Центар, Чаир, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Сарај и останатите скопски општини.
Регион 2 ќе ги обедини Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка и Кратово.
Најголем по територија ќе биде Регион 3, во кој ќе се најдат Штип, Кочани, Виница, Чешиново-Облешево, Зрновци, Пробиштип, Свети Николе, Делчево, Пехчево, Берово и Македонска Каменица, како и општините Струмица, Радовиш, Конче, Василево, Босилово, Ново Село, Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран.
Регион 4 ќе ги опфаќа Велес, Градско, Неготино, Демир Капија, Кавадарци, Прилеп, Долнени, Чашка, Росоман, Крушево и Кривогаштани.
Во Регион 5 ќе бидат Битола, Ресен, Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Пласница, Македонски Брод, Могила, Демир Хисар и Новаци.
Западниот дел од државата ќе биде организиран во Регион 6, кој ги вклучува Тетово, Гостивар, Дебар, Маврово и Ростуше, Центар Жупа, како и општините Јегуновце, Теарце, Желино, Брвеница, Боговиње и Врапчиште.
Од ФФМ посочуваат дека новата територијална поделба е дел од поширок процес на модернизација на македонскиот фудбал и има за цел поефикасно организирање на натпреварувањата, подобра координација меѓу клубовите и рамномерен развој на фудбалот во сите делови на државата. Новиот систем треба да придонесе за појасна организациска структура и поуспешно функционирање на натпреварувачкиот процес во иднина.