
Фудбалерите на Брегалница, вчера на гости на „железарница“ освоија еден бод во средбата со екипата на Скопје а веќе во среда ги очекува ново тешко искушение. На „градски“ во Штип на мегдан им доаѓа актуелниот шампион Шкендија кој годинава не е ниту бледа сенка од минатогодишниот сјај.Но, ранетиот лав секогаш е опасен и од тука треба внимателност во играта кај штипските сини и ако одиграат како против Шкупи во второто полувреме може да се очекува и прва прволигашка победа. Голем е интересот за овој натпревар и за тоа мислење побаравме од Извршниот директор Емил Тодев во врска со здравствените протоколи. На овој натпревар повторно ќе може да присуствуваат 30 % на гледачи, ем со сезонски билети, ем со традиционални карти кои ќе се пуштат во продажба од 16.00 часот. Според протоколот гледачите мора да имаат потврда за барем една вакцина или документ за прележан ковид со кој би имале непречен пристап за следење на овој меч. Што се однесува до играчкиот кадар сите се во строј и се на располагање на стручниот штаб, конкуренцијата е позитивна со квалитетен кадар, освен Андреј Кудијан кој сеуште е повреден. Натпреварот Брегалница – Шкандија ќе се одигра во среда 18 август на градскиот стадион во Штип со почеток во 17.00 часот.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk