Фотоволтаични системи на сите основни училишта во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров започнува со реализација на еден од најзначајните и најиновативните проекти во областа на обновливите извори на енергија, со кој повторно поставува нови стандарди во локалното управување и одржливиот развој, извести Општината.

„Станува збор за првиот проект од ваков вид во Република Македонија, кој ќе се реализира преку модел на јавно-приватно партнерство. Во рамки на проектот, на покривите на сите седум општински основни училишта ќе бидат поставени современи фотоволтаични системи за производство на електрична енергија.

Проектот ќе се реализира без дополнителен финансиски товар за буџетот на Општина Ѓорче Петров, а согласно моделот на јавно-приватно партнерство, општината ќе остварува 18 проценти од приходите што ќе се генерираат од производството на електрична енергија.

Со реализацијата на овој проект, покривите на училиштата ќе добијат нова функционална вредност, ќе се произведува чиста и обновлива енергија, ќе се унапреди енергетската ефикасност на образовните објекти, а ќе се обезбеди и нов извор на приходи што ќе бидат повторно инвестирани во проекти од интерес за граѓаните.

Покрај економските придобивки, проектот има и значајна еколошка компонента, придонесувајќи кон намалување на емисиите на штетни гасови и поттикнување на користењето обновливи извори на енергија, во согласност со современите европски стандарди за одржлив развој.

Со оваа инвестиција, Општина Ѓорче Петров уште еднаш ја потврдува својата определба за примена на иновативни решенија, рационално управување со јавните ресурси и создавање подобри услови за учениците, наставниот кадар и сите граѓани“, се додава во соопштението на Општина Ѓорче Петров.

Текстот Фотоволтаични системи на сите основни училишта во Ѓорче Петров е превземен од МАКФАКС.