ФОТО: Градскиот стадион во Куманово преполн – Башкими покажа моќ и го декласираше Куманово во третолигашкото дерби на Северот

Некогашниот освојувач на Купот на Македонија, екипата на Башкими, покажа моќ и го декласираше Куманово со убедлива победа од 4:0 во воведен меч од 19. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север.

Градскиот стадион во Куманово беше преполн, кумановци по долго време имаа можност да проследат градско дерби, а Башкими славеше висока победа пред околу 1.500 гледачи.

Лидерот во третолигашкото друштво на Северот стигна до 16-тата сезонска победа и цврсто „гази“ кон бараж за Втората македонска фудбалска лига.

Победата на Башкими добива на тежина бидејќи од 23. минута играше со играч помалку на теренот, откако младиот Алајдин Алили заработи втор жолт картон поради недозволен старт и беше исклучен од игра.

Резултатот на Градскиот стадион во Куманово го отвори Азиз Амети кој ја стресе мрежата на Тодоровски во 31. минута од мечот. Со резултат од 1:0 заврши и првото полувреме. По само три минути игра во второто полувреме, Бењамин Ќерими покажа на белата точка за Башкими, одговорноста ја презеде Егзон Азири кој прецизно биеше во мрежата на Тодоровски за 2:0 на стартот од вториот дел.

Се беше полесно за Башкими по двојната предност, а веќе во 56. минута Тодоровски капитулираше по трет пат, откако Егзон Османи прецизно ја смести топката во противничката мрежа за високи 3:0 и голема радост кај навивачите на освојувачот на Купот на Македонија од далечната 2005 година.

„Четата“ на Муарем Рустеми беше убедлива на теренот и брзо стигна до четвртиот гол, откако резервистот Енис Сулејмани кој влезе во игра на стартот од второто полувреме во 62. минута погоди за високи 4:0.

До крајот од мечот Куманово се обидуваше да го ублажи поразот, но мрежата на Стојковски беше чиста до крајот на натпреварот, па трите бодови повеќе од заслужено завршија на контото на Башкими, кој сега како лидер има 48 бодови и прави сериозен чекор напред кон бараж за Втора лига.

Куманово барем до утре кога ќе биде комплетирано колото ќе остане на четвртата позиција со 32 бодови на своето конто.

Денес, исто така, свое соочувања имаа и Аеродром и ланскиот второлигаш Кадино, во меч кој не беше атрактивен и сиромашен од аспект на голови, бидејќи мрежите и на двете страни беа чисти, па конечниот епилог беше 0:0 и поделба на бодовите.

До утре Кадино ќе биде на петото место со 31 бод, а пак Аеродром на осмото место со 29 бодови на своето конто.