
ФК Илинден со сериозни чекори го дочека зимскиот преоден рок, најавувајќи амбициозен продолжеток на сезоната. Клубот официјално претстави три нови фудбалски засилувања, како и значајни промени во стручниот штаб, со што јасно ја демонстрира својата определба за напредок и стабилност.
Ново име во одбраната на „црвено-црните“ е Теодор Хаџи-Попоски, стопер со десна нога, кој пристигнува од ФК Работнички. Роден 2006 година, Хаџи-Попоски беше капитен на шампионската младинска генерација на Работнички и важи за еден од најперспективните млади дефанзивци во земјава.
Од истиот клуб доаѓа и Филип Цветковски, дефанзивен играч за врска, исто така роден 2006 година и дете на Работнички. Со неговото ангажирање, Илинден добива дополнителна цврстина и конкуренција во средниот ред.
Посебна емоција носи враќањето на Бојан Илиев, кој повторно го облекува дресот на матичниот клуб. Левиот стопер, висок 197 сантиметри, има 23 години и во Илинден доаѓа од ФК Марино, а во својата кариера има настапувано и за младинските категории на Вардар.
Покрај играчките засилувања, ФК Илинден направи и значајни промени во стручниот штаб. По повеќе од три децении, во клубот се враќа Баже Лазаровски, тренер со ПРО лиценца и огромно искуство, кој зад себе има над 30 години работа во македонскиот фудбал, меѓу кои и 17-годишен ангажман во ФК Работнички.
Ново лице на клупата е и Стево Митровски – Цеко, тренер со прволигашко искуство, кој во последните години работеше во Македонија ЃП, ФК Скопје и ФК Вардар, а моментално е во процес на стекнување ПРО лиценца во Аргентина.
Со овие потези, ФК Илинден јасно испраќа порака дека во вториот дел од сезоната ќе настапи со зголемени амбиции и подготвеност за нови предизвици.