ФК Брегалница ќе добие 6 милиони денари од буџетот на Општина Штип за 2025 година

Фудбалскиот клуб Брегалница ќе добие шест милиони денари од буџетот на Општина Штип за 2025 година, точка за која се разговараше на денешната седница на советот.

Инаку, Општина Штип е целосен сопственик на акциите во акционерското друштво фудбалски клуб Брегалница 2008 Штип, истакна Вишна Шорова – Ангелова, секретар на општината.

„Почитувани советници во текот на оваа седница на советот на Општина Штип во неколку наврати споменавме дека Општина Штип е целосен сопственик на акциите во акционерското друштво фудбалски клуб Брегалница 2008 Штип. Со оглед на тоа што општината целосно ги поседува акциите одговорна е и за подмирување на финансиските трошоци кои што произлегуваат од функционирањето на фудбалскиот клуб. Затоа, бараме советот на Општина Штип да одобри финансиски средства за друшство за фудбалски дејности фудбалски клуб Брегалница 2008 АД Штип во износ од шест милиони денари и овие средства да се обезбедат од буџетот на Општина Штип за 2025 година“, рече Шорова – Ангелова на седницата на советот на Општина Штип.

Брегалница е на втората позиција на табелата во Втората лига, а целта на клубот е влез во елитата. Веќе во петок штипските „сини“ ќе се соочат со непоразениот лидер Шкендија Арачиново во гости каде ќе бараат три бодови на патот кон преземање на лидерската позиција.

Александар Ванев, М-Нет