
Фудбалскиот клуб ФК Арсими 1973 донесе одлука да го откаже пријателскиот натпревар против ГФК Охрид, кој требаше да се одигра во рамки на подготвителниот период. Од клубот информираат дека одлуката е резултат на информации кои неодамна се појавија во јавноста, а се поврзани со сомнежи за регуларноста на еден претходен пријателски натпревар на противничкиот тим.
Во официјалното соопштение, раководството на ФК Арсими потенцира дека ваквиот чекор е преземен исклучиво од принципиелни причини, со цел заштита на угледот и вредностите на клубот, како и почитување на начелата на фер-плеј и транспарентност во фудбалот.
„Сметаме дека во вакви околности не е соодветно да се учествува на натпревари кои можат да создадат сомнеж или негативна перцепција во јавноста“, наведуваат од клубот, нагласувајќи дека стабилноста и кредибилитетот на домашниот фудбал мора да бидат над секој поединечен натпревар.
ФК Арсими воедно ја изрази својата поддршка до Фудбалската федерација на Македонија за континуираните напори во борбата против сите појави што го нарушуваат интегритетот и регуларноста на натпреварувањата.
Од клубот потенцираат дека одлуката за откажување на натпреварот не претставува обвинување кон ниту еден субјект, ниту пак носење предвремени заклучоци, туку одговорен и внимателен пристап во насока на зачувување на имиџот на ФК Арсими 1973.