
Утре ќе биде отворено 5. коло во Првата футсал лига на Македонија, а кое ќе се комплетира со по два натпревари в сабота и недела.
Колото ќе биде отворено со дуелот од долниот дел на табелата меѓу Јувентус Серава и Кеги Моби, практично ова ќе биде соочување за прва сезонска победа на двете екипи, кои сезоната не ја започнаа според посакуваното.
Двете екипи имаат по еден бод на своето конто и се наоѓаат на осмото односно деветтото место, мечот започнува во 21 часот.
В сабота во Кавадарци со почеток од 16 часот Клими на домашен терен го очекува неизвесен меч против екипата на Железарец. Домаќинот ќе ја бара првата сезонска победа, откако по четири натпревари има две ремија и два порази, а пак гостинскиот тим во Кавадарци ќе бара трета радост.
Од 18 часот дербито на колото во Гевгелија меѓу повратникот Проект и Шкупи, дерби на два поранешни шампион на Македонија каде императивот за трите бодови и престижот е огромен. Проект е трет со 10 бодови на своето конто, а пак Шкупи е втор со 12 бодови.
В недела од 20:30 часот Бутел на домашен терен ќе има тежок меч против Осогово од Крива Паланка каде улогата на фаворит ќе ја има гостинот. 15 минути подоцна ќе започне натпреварот во Кавадарци каде „фенерџијата“ Црна Река ќе бара прв триумф, но и први бодови против шампион Форца, каде лидерот ќе ја има улогата на голем фаворит за пет од пет.
Александар Ванев, М-Нет