Утре е Духовден, еден од најголемите христијански празници

Утре е Духовден, познат и како Педесетница или Света Троица, тој е еден од најголемите христијански празници. Се слави педесет дена по Велигден и трае три дена, а првиот ден секогаш е во недела. На овој празник му претходи Задушница, кога верниците се сеќаваат на своите починати предци.

Според Светото писмо, на денот на Педесетницата апостолите биле собрани во Ерусалим кога Светиот Дух слегол врз нив во вид на огнени јазици. Тие добиле сила и дарба да зборуваат на различни јазици за да ја шират Христовата вера меѓу сите народи. По проповедта на апостол Петар, многу луѓе ја прифатиле новата вера и се крстиле. Поради тоа овој настан се смета за почеток на Христијанската црква.

Празникот се нарекува и Света Троица, бидејќи го симболизира заедничкото дејствување на Бог Отецот, Синот и Светиот Дух. Верниците на овој ден посетуваат богослужби, се молат и го одбележуваат празникот со различни народни обичаи.

Во македонската традиција Духовден е тесно поврзан со почитта кон починатите. Се верува дека во периодот од Велигден до Духовден душите на умрените се блиску до своите најмили. Затоа се раздава храна „за душа“, се посетуваат гробиштата и се принесуваат молитви за покојните.

Во минатото домовите, црквите и гробовите се украсувале со зелени гранки и цвеќе, како симбол на обновувањето и животната сила што ја дарува Светиот Дух. Во некои краишта се изведувале и обреди за плодна година, дожд и заштита на посевите.

Духовден и денес останува значаен верски и народен празник што ги обединува верата, традицијата и споменот на предците.

Дајана Сандева, М-Нет