УГД – Штип и Иницијативата „Донирај компјутер“ потпишаа меморандум за соработка

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Иницијативата „Донирај компјутер“ потпишаа меморандум за соработка. Ректорот на Универзитетот, Дејан Мираковски, вели дека ваквата соработка ќе биде од големо значење за едукација на студентите, но дополнително и ќе придонесе за нив како општествено – одговорна институција.

„Целта ни е да започнеме соработка. Нашите студенти, нашата инфраструктура да ги ставиме во синергија со оваа Иницијатива и се надеваме дека ќе придонесеме за уште повеќе донации на вистинско место. Оваа опрема ќе биде од корист и за нас, за нашите студенти, бидејќи ќе имаат можност за општествено – одговорна активност, но истовремено и да научат за многу реални проблеми во сервисирањето на таа опрема“, истакна ректорот, Дејан Мираковски.

Борче Стаменов од Иницијативата „Донирај компјутер“ вели дека ваквата соработка ги надминува сите негови очекувања, а е од особено значење, бидејќи во последниов период се обидуваат да најдат што повеќе донации и соработници.

„Цела наша мисија е, од една страна, да собереме уште повеќе донации, а од друга страна и да инспирираме што е можно повеќе млади луѓе да се вклучат во целата таа работа, да научат нешто. Пред сѐ нашата иницијатива е забавна, но во последно време ставаме акцент и на едукативниот карактер. Се надевам дека соработката ќе ја шириме на повеќе полиња“, истакна Стаменов.

Студентите на овој начин ќе може да учат за информатичката технологија и како да ги сервисираат компјутерите, а дополнително акцент ќе се стави и на хуманиот аспект. Стаменов заклучува дека во последниве години секој компјутер е искра на надеж за некое дете во земјава и сѐ повеќе луѓе знаат за нивната работа.

Ребека Спасова М-Нет