
Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија се промовираше деведесеттиот број на Списанието за уметност „Сум“. Редакцијата одбележа и 30 години од првиот број на „Сум“, кој беше посветен на творештвото на Ацо Шопов, кое излегува од 1993 година. Главен и одговорен уредник на списанието е писателот Трајче Кацаров, а јубилејниот број го уредуваат писателите Мишел Павловски и Александар Прокопиев. Уредникот Кацаров вели дека 30 години од Списанието значат постојано да бидеш буден пред домашната и светската книжевна, театарска, ликовна и музичка стварност.
„Во Штип излегува едно угледно списание, уредувано и водено од една угледна редакција и истакнати писатели. Коле Чашуле вели списанието кога се појави беше изненадување, со броевите се оправда себеси уште повеќе. Михаил Ренџов, пак, посочи дека списанието го следи од првиот број и можам да кажам дека ја привлече македонската јавност“, прочита Трајче Кацаров.
По овој повод, на денешниот настан се доделија и признанија за особен придонес во континуираното присуство на Списанието во книжевниот живот. Ваквите признанија им беа доделени на Ѓунер Исмаил, Раде Силјан, Министерството за култура, Библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип, Печатницата „2 Август“, Мишел Павловски, Гоце Ристовски, Горан Трајков и Христо Петрески. По промоцијата на Списанието, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија се одржа и трибина посветена на македонската критина, а учестуваа Ѓунер Исмаил, Мишел Павловски, Тодор Кузманов, Гоце Ристовски, Јоана Шишкова, Трајче Кацаров и други театарски критичари и театролози.
Излегувањето на Списанието уште од првиот број е поддржано од Министерството за култура, а го издава Центарот за културна иницијатива – Штип.
Ребека Спасова М-Нет