
Училиштето „Ванчо Прке“ во категорија основци, Гимназијата „Славчо Стојменски“ во категорија средношколци и Армијата во категорија возрасни беа најдобрите на вчерашната осмоноемвриска трка. Пехари им врачија градоначалникот, Иван Јорданов, и претседателката на Советот, Весна Кожинкова, а поединечно согласно со возраста се доделуваа и медали за првите три места во секоја група, одделно мажи и жени.
„Ова е манифестација која со гордост, со децении трае и е симбол на младоста, здравјето и прогресот на Штип“, рече Панајотов.
Вчерашната ноќна трка се одржа на потегот од мостот кај градската црква Св. Никола до Гимназијата „Славчо Стојменски“, каде следуваше доделување на медалите и пехарите, кое градоначалникот Јорданов го отвори со пригоден говор. Тој истакна дека на нас останува да се бориме за светла и подобра иднина на Штип и штипјани.

„Навистина ми е чест и задоволство што вечерва сум овде на еден ваков настан. Во предвечерието на утрешниот голем ден за нас, Денот на ослободувањето на Штип, ова е настан – трка која симболизира дека Штип е град на младоста, на ново време, на нова енергија и ако нашите предци се бореле за слободен Штип, ние се бориме за светла и подобра иднина за сите нас за нашите идни генерации за нашите деца“, истакна Јорданов.
Ноќната трка којашто со децении се одржува традиционално по повод Денот на ослободувањето на Штип, вообичаено се состои од осум или девет групи, односно трки поделени по возраст. На трката можност за учество имаат учениците од основните и средните училишта во Штип, како и студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ и припадниците на Армијата и Министерството за внатрешни работи.
Ребека Спасова М-Нет