
ФК Брегалница продолжува со формирањето на тимот за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, а денес клубот официјално потврди три значајни потписи од домашните фудбалери.
Најпрво, нов договор со „сините“ потпиша левиот бек Анџело Николовски, кој и во наредната сезона ќе командува по левата страна. По одличните настапи минатата сезона, кога беше еден од најзаслужните за враќањето на Брегалница во елитното друштво, Николовски останува важен дел од штипскиот состав.
Во редовите на Брегалница се враќа и голманот Мартин Миленковски. По успешната сезона помината во Македонска Каменица, чуварот на мрежата повторно ќе го облече дресот на клубот каде што ги направи своите први фудбалски чекори. Од клубот веруваат дека неговото искуство, мотивација и желба за докажување ќе бидат голем адут меѓу стативите.
Третото засилување е добро познатото име за штипската публика – Дарко Стојанов. Искусниот дефанзивец се враќа во својот матичен клуб, каде што повторно ќе биде лидер на одбраната. Стојанов важи за еден од милениците на навивачите, а со својата борбеност, квалитет и искуство ќе има важна улога во настапите на Брегалница во прволигашката конкуренција.