Трето полувреме на мечот меѓу Слога Виница и Карбинци, двете екипи со соопштенија за вчерашниот инцидент, кој го потврди и МВР

ФОТО: М Нет телевизија

Слога Виница вчера стана шампион во Трета лига – Исток и го подигна шампионскиот пехар и сега се насочува кон баражот за Втора лига. На Градскиот стадион во Виница екипата на Слога со високи 7:1 го доби Карбинци, но мечот доби и третоплолувреме, а за што потврди и Министерството за внатрешни работи, каде овој случај е евидентиран.

На 04.05.2025 во ОВР Виница, М.Д.(35) од с.Стар Караорман, штипско, фудбалер на ФК „Карбинци“, пријави дека околу 15.00 часот во службени простории на ФК „Слога“ од Виница на Градскиот стадион во Виница, пред започнување на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК „Слога“ Виница и ФК „Карбинци“, бил физички нападант од Д.М.(42) од Виница, претседател на ФК „Слога“, додека комесарот за безбедност на ФК.„Слога“, Н.К.(40) од Виница ја држел затворена вратата за влез на другите фудбалери од екипата на ФК „Карбинци“. Во врска со настанот, во полициска станица е извршен службен разговор со Д.М. и Н.К.. Известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Двете екипи се огласија преку сооштенија со кои го искажаат ставот за овој случај, кој како што наведено од МВР се случил пред почетокот на натпреварот од претпоследното 17. коло на Трета лига – Исток.

„ОФК Карбинци успеа само да постигне еден гол против шампионот на Третата Лига – Исток, Слога 1934 од Виница единствен примен гол за виничани во пролетниот дел. Моќниот состав на Слога постигна три гола во првото полувреме, откако ОФК Карбинци поведе со 1:0. Се гледаше желбата на Слога да се реваншира за единствениот пораз во првенството, доживеан во есенскиот дел во Карбинци. На крајот беше 7:1 за шампионот, на чии играчи ОФК Карбинци им честита и им посакува среќа во баражот за влез во Втората лига. За жал, спортскиот настан имаше и неспортска предигра, заради која реагираше и полицијата. Пред почетокот на натпреварот, според изјавата на играчот на гостите Миле Димитров, дадена и во полиција во Виница, а поткрепена и со изјави од други играчи, тој бил нападнат од две лица, од кои според него еден бил член на управата на Слога, а другиот исто така бил во спортска опрема на виничкиот третолигаш. Играчот на ОФК Карбинци бил повикан во посебна просторија, каде останал сам со двајцата напаѓачи, и како што изјавил и во полициската станица во Виница, бил нападнат, држен за врат, ударен од маса и бил под константни закани по живот. Претставници на МВР дојдоа на местото на настанот, земаа изјави од повеќе лица, кои изјавите потоа ги дале и на распит во МВР – Виница. Очекуваме надлежните да го расчистат овој случај, кој фрли сенка на спортскиот настан кој требаше да биде единствено во знак на спортот и прославата на титулата на Слога 1934 од Виница“, се вели во соопштението на третолигашот Карбинци.

Свое соопштение имаше и екипата на Слога од Виница, која вчера беше домаќин на натпреварот со Карбинци, во рамки на претпоследното коло за оваа сезона.

„Фудбалскиот клуб Слога 1934 Виница најостро ги демантира лагите и инсуациите од ФК Карбинци, нивните играчи како и нивната управа. Што всушност се случуваше пред и по натпреварот. Играчите како и дел од управата на ФК Карбинци неколку денови пред натпреварот со недолични и провокативни коментари на нашата страна се обидуваа да предизвикаат инцидент уште пред почетокот на натпреварот. Ние како клуб бевме известени дека одредени играчи и членови на клубот ќе сакаат да иницираат немили настани и затоа бевме спремни на секоја нивна провокација да одговориме со разумност. Сепак нивната арогантност односно арогантноста на нивниот играч Миле Димитров отиде до тој степен да пишува навредливи и заканувачки пораки кон член на нашата управа, за подоцна и телефонски да се јавува и заканува кон фамилијата на членот на нашата управа. Точно е дека играчот беше повикан во службените простории на клубот каде и самиот побара да се извини за своето непримерно однесување, за што беше известен и тренерот на ФК Карбинци, Ангелче Краљов, кој исто така беше присутен во службените простории на клубот во моментот кога беше и играчот Миле Димитров. Фудбалскиот клуб Слога 1934 секогаш се стреми за пријателство со другите клубови и секогаш пристапува максимално професионално на секој натпревар, но за секоја лага напишана се со цел да се оцрни името на клубот или на некој од членовите на управата ќе бидеме принудени да покренеме тужба против сите лица кои даваат лажни изјави и шират лаги за нашиот клуб“, се вели во соопштението на ФК Слога 1934 Виница.

Екипата од Виница сега се подготвува за баражот за влез во Втората македонска фудбалска лига.

Александар Ванев, М-Нет