
Традиционалната крводарителска акција во просториите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип по повод празникот 23 Октомври се одржа и годинава. Во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и годинава членови, симпатизери, но и останати граѓани даруваа крв за да се спаси нечиј живот.
„Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Штип веќе традиционално организира крводарителска акција под мотото „Дарувајте крв, бидете храбри“. Од тие причини, ги повикувам сите хумани граѓани, сите сегашни и идни крводарители да се вклучат во акцијата, затоа што во разговор со здравствените работници сите тврдат дека е важно медицинските институции во државата да имаат залихи на крв“, вели Душко Иванов, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ – Штип.
Крводарителската акција трае денеска во периодот од 10:00 до 16:00 часот, па Иванов повика во тој период сите заинтересирани да се вклучат и да покажат хуманост.
„Вратите на Општинскиот комитет во Штип ќе бидат отворени денес до 16:00 часот. Ги повикувам сите на посебен начин по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, им го честитам празникот и нека ни е вечна Македонија“, додава Иванов.
Позитивните чувства ги изразија и оние кои даруваат крв, многумина од нив веќе повеќекратни дарители. Порачаа дека хуманоста треба да се покаже на дело.
Успешниот тек на крводарителската акција навестува дека ќе бидат собрани задоволителен број крвни единици. Акцијата се одржува трета година по ред, а годинава е во рамки на одбележувањето 130 години од македонската револуционерна борба.
Ребека Спасова М-Нет