
Последното коло во Третата фудбалска лига Исток донесе шампионско славје за ФК Победа Валандово, но и уште едно разочарување за македонскиот третолигашки фудбал. Наместо комплетно коло и фер завршница на сезоната, денеска се одигра само еден натпревар – дуелот меѓу ФК Ударник и ОФК Карбинци, кој заврши 1:1.
Екипите на Брегалница Делчево и Малеш претходно најавија дека нема да отпатуваат на гостувањата кај Победа Валандово и Овче Поле, па така последното коло мина во сенка на неодиграни натпревари и организациски проблеми кои повторно ја отворија темата за состојбата во Третата лига Исток.
Од ОФК Карбинци порачаа дека и покрај сите потешкотии, клубот останал доследен на своите обврски и до самиот крај се натпреварувал коректно и спортски.
Во Валандово, претседателот на ОФС Кочани, Александар Андов, кој е организатор на лигата, свечено му го додели шампионскиот пехар на ФК Победа Валандово. Тој на шампионот му посака многу успех во претстојниот бараж натпревар што ќе се одигра на 30 мај во Штип.
По церемонијата, Андов заедно со градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев, го проследија и натпреварот меѓу Ударник Пирава и Карбинци, упатувајќи честитки до двата клуба за спортскиот дух и љубовта кон фудбалот.
Победа Валандово сега го насочува вниманието кон баражот за повисок ранг, каде ќе се обиде успешната сезона да ја круниса со пласман во Втората лига.