Трансверзалата „ 4 К “нова атрактивна акција на членовите на ДПС „Лисец“ од Штип

Со учество на планинари, рекреативци, љубители на планините а предводени од искусните членови на ДПС „Лисец“ од Штип, на бисерната Плачковица започна една нова традиција наречена едноставно „4 К “. Самото лого „4 К“ се однесува на четирите врвови на Плачковица на кои овие племенити момци поставија високи крстови а тоа се : Чупино брдо, Бел Камен. Лисец и на Црквиште.

Природата со сиот свој раскош ги декорирала најубавите предели на Плачковица по кои се движеа многубројните гости а ги имаше од цела Македонија. Самата трансферзала 4 К се распослала на цели 50 км. при што се калеше другарскиот дух, ечеше песна, се прикажуваа досетки, како печурки на дожд никнуваа камп – центри на кои ароматичната храна на природниот жар ја комплетираше идиличната планинска слика. Месецот јуни е божји дар на Плачковица која се накитува со разно-разните китќи, чаеви, растенија, бујни стебла во кој месец се започна оваа акција 4 К која членовите на ДПС Лисец веќе ја најавуваат како традиционална. Успешна акцијашка приказна која веќе наголемо се шири и прикажува по македонските градови и уште отсега се коват планови за следната акција за догодина на оваа 50 км. долга трансверзала како нова атрактивна понуда за сите планински сладокусци кои едноставно ја милуваат планината и се гордеат со неа – Плачковица.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk