Традицијата продолжува – „Еуроспорт Куп 2025“ со европски фудбалски гиганти во Куманово

Од 23 до 25 мај, Куманово ќе биде центарот на младинскиот фудбал во регионот, каде што ќе се одржи престижниот меѓународен турнир „Еуроспорт Куп 2025“. Овој спортски спектакл, кој веќе има традиција, и годинава носи фудбалски гиганти од цела Европа во нашата држава, на натпревари исполнети со страст, енергија, желба за докажување и врвен талент.

Во три различни генерации – 2015, 2013 и 2017 – ќе се натпреваруваат голем број на екипи од Македонија и од реномирани клубови од Турција, Италија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Словенија, Грција, Франција и Австрија. Меѓу најзвучните имиња се Фенербахче, Бешикташ, ФК Торино, НС Мура, Левски Софија – клубови со голема традиција во европскиот фудбал.

Македонскиот фудбал ќе биде претставен со бројни екипи меѓу кои ФК Куманово Еуроспорт, ФК Вардар, ФК Академија Пандев Скопје, ФК Брера Пандев, ФК Аеродром, ФК Гроздановски, ФК Карадџов, ФК Маџари, ФК Борец Јуниор, ФК Глигорoв, ФК Башкими, ФК Осогово Крива Паланка, ФК Куманово 2012, ФК Водно, ФК Њу Старс, ФК Биџо Куманово, ГФК Куманово и други.

Екипите се поделени во четири групи по генерација, младите фудбалери ќе покажат сè што знаат пред бројната публика од Балканот и пошироко.

„Еуроспорт Куп 2025“ не е само турнир – тој е симбол на младинска посветеност, меѓународна соработка и спортска иднина. Настанот е организиран од ФК Куманово Еуроспорт, клуб кој секоја година вложува огромни напори да ја одржи високата репутација на турнирот.

Сите натпревари ќе бидат отворени за публика, а љубителите на фудбалот ќе имаат можност да уживаат во вистинска фудбалска магија и да видат потенцијални ѕвезди во акција.

Продолжува соработката меѓу М Нет телевизија и „Еуроспорт Куп“ со тоа што натпреварите од овој меѓународен турнир ќе можете да ги следите во ЖИВО на М Нет телевизија.

Александар Ванев, М-Нет