
Штипјанецот Александар Трајковски традиционално и оваа година донира пакети на социјално – загрозени семејства. По повод големиот христијански празник Божиќ, Трајковски повеќе од една деценија одвојува финансиски средства за шест штипски семејства. Практиката не изостана ни оваа година, а како што вели Трајковски, ова ќе го прави додека е жив.
„Оваа хуманитарна донација ја правам веќе 14 години, од 2008 година до денес, не сум прескокнал ниту еден Божиќ. Од Црвен крст Штип изберат семејства на кои им е потребно, јас ги подготвам пакетите се што треба за Бадник посно, риба, гравче, за утре дента па друго кокошка или пиле. Донирам шест пакети на три христијански и три ромски семејства“ – вели трајковски.
Ваквата практика почнала уште од 2008 година, по смртта на неговата сопруга. Трајковски тогаш почнува да подготвува по шест божиќни пакети за оние кои не можат да си дозволат.
ОО Црвен Крст Штип, се јавува како логистички поддржувач на оваа активност. Трајковски ги подготвува пакетите, а тие согласно со нивната база на податоци ги одбираат семејствата и им ги доставуваат пакетите.
„Можеме да кажеме дека ова е еден пример кој што треба да се следи и од останатите наши сограѓани кои имаат можност и пред се желба да го споделат она што го имаат со оние кои имаат помалку и на кои им е потребно“ – додаде Милановска.
Ова е уште една од активностите на Црвениот Крст, во кои тие се јавуваат како поддржувач, спроведувач и логистичка поткрепа. Освен ова, во текот на денешниот ден тие ќе спроведат и акција која е иницирана и подготвена од нив, а со која петнаесетина семејства ќе добијат бадникарски пакети за скромна трпеза на Бадник.
Ребека Спасова М-Нет