
Бадниково гранче односно отсечен дел од дабово дрво традиционално секоја година за Бадник се става во каминот или огништето да гори. Според стари верувања со вакво гранче за Бадник се украсува и целиот дом. Ова гранче носи среќа, светлина и радост во домот и токму затоа масовно се купува пред празникот. Дедо Дане секоја година го собира и го нуди на штипјани, оти како што вели ова е симбол кој треба да се има во домот.
„Овие гранчиња го преставуваат симболот на Исус каде прво е запален оганот од него. Се смета дека каде се движи ова гранче ќе има среќа, светлина во куќата, мир и радост. Гранчињата ги собираме горе во полето. Кои се суеверни луѓе, кои милуваат – земаат. Ова е божји симбол и редно е да го имаат сите. “ – вели дедо Дане.
Традицијата на украсување на домот со бадниковото гранче се забележува уште од четврти век. Бадниковото гранче го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Тоа е гранче од дабово дрво, а во дамнешните времиња овие дрвја се сметале за најиздржливи и за највековити. За разлика од другите листопадни дрва, со почетокот на есента листовите од дабот ја менуваат својата боја, но повеќето од нив се задржуваат на гранките во текот на зимата. Според народните верувања, токму со ова дрво праведниот Јосиф запалил оган за да ги затопли штотуку родениот Исус и неговата мајка Марија.
И штипјани велат дека традиционално секоја година бадниково гранче ставаат под нивните трпези и на тој начин ги слават божиќните празници.
„Поради верата, поради симболот, тоа е нашиот симбол, поздрав од Исус. Осветено е од дедо Стефан, а пренесено преку нас луѓето“ – додава дедо Дане.
Бадниковото гранче се нарекува и дрво на животот, исто како она дрво на животот во рајот што симболично дава вечност. Како што дабовото дрво најдолго држи жар, така оној што ќе си постави во домот верува дека го чека вечен живот дури и по смртта. Бидејќи дабот симболизира долговечност, здравје и издржливост народните верувања велат дека со внесување на дабовите гранчиња во домот неговите особини ќе се пренесат на сите оние луѓе што живеат во тој дом.
Лаура Стојанова М-Нет