
Со ѕвездички во рацете, пеејќи ја песната за „Вечниот бог“ дечињата од Бадникови поворки Штип го навестија христовото раѓање. Почнувајќи од градската црква „Свети Никола“, движејќи се по улиците до градскиот плоштад „Слобода“ го најавија големиот празник Божиќ. На плоштадот ги пречека градоначалникот Иван Јорданов, кој им подели пакетчиња на децата, и посака оваа поворка да донесе радост во сечиј дом.
„Прекрасно е чувството по улиците во Штип да се најави од најмладите дечиња со нивните ангелски гласови христовото раѓање. Бадниковата поворка помина по улиците во Штип да носи радост во секој дом“ – вели Јорданов.
За првпат годинава на плоштадот Слобода се постави пештерката во поголеми димензии. Во поворката учествуваа над 300 дечиња, а имаше и голем број присутни граѓани. Во меѓувреме се собраа и многу донации од хумани граѓани за помош на социјално загрозени семејства.

„На наша голема радост за првпат денес ја имаме оваа пештерка на плоштадот Слобода во Штип, огромен број на дечиња, родители кои се вклучија во Бадниковата поворка. Собравме доста пакети со храна, детски пакетчиња, социјални пакети.“ – вели Ристова-Михајловска.
Бадниковата поворка во Штип се реализира седма година по ред. Жолтите ѕвездички ја симболизираат Витлеемската ѕвезда што им го покажала патот на Мудреците кон местото на Раѓањето на Богомладенецот. Во Штип нив ги изработуваа околу 80 присутни на четирите креативни работилници кои се одржаа минатиот месец.
Лаура Стојанова М-Нет